Средновековни градови и тврдини во Македониjа
Иван Микулчиќ
 

VI. МАТЕРИJАЛНИ ОСТАТОЦИ ОД СРЕДНИОТ ВЕК

1. Раносредновековни фортификации:

А. Оспособување на доцноантички крепости
Б. Опкопи и бедеми во северните земjи; аулите како протобугарски степски традиции


А. Оспособување на доцноантички крепости

На многу места спомнавме дека во периодот на раното средновековие (7.-10. век) каj нас, без исклучок, биле користени доцноантичките крепости. Меѓу нив наjсилни и наjдобро запазени биле оние од 6. век. При повторното користење на нeкoja од овие тврдини, тие требале главно да се расчистат од шут и од дивата вегетациjа и да им се обноват дрвените порти. Оштетените места на обѕидот (пробивните места — бреши) можеле со едноставна техника на сувоѕид во кусо време и со минимален труд да бидат закрпени. Покpaj прирачниот материjал — паднатите камења од ѕидовите — на тие места вepojaтно била употребувана и дрвена арматура.

Како пример на вакво брзо обновување нека ни послужи тврдината Василида што ja спомнавме и порано. Царот Василиj II во 1015 г. по ocвojyвањето на Охрид тргнал преку висока планина (Исток-Петринска) кон Преспа; за да го осигури тоj пат, на него "подигнал" тврдина и й го дал своето име. Ако го следиме натамошниот итинерар на царот и календарот на следните настани, ќе видиме дека за "подигањето" на Василида имал на располагаиье само неколку дена. А за да изгради од темел една крепост каква што е онаа каj Евла или Петрино на спомнатиот планински премин, би му биле потребни 6-8 месеци.

Ова ќе го поткрепиме со конкретни показатели, на примерот на тврдината каj Евла. Обзидието й е долго 660 м, широко 1,7 м, а било високо вероjатно 7-8 м. Толкава ѕидариjа содржела наjмалку 9.000 м3 камен и малтер. За ова количество се потребни наjмалку 120-150 тони (негасена) вар. Доколку при градењето на оваа тврдина биле ангажирани 20 маjстори со помощници и неколку пати повеќе неплатена работна рака, за да се подготви

68 

варовникот и за да се испече варта, да се довлече градежниот камен, да се ископаат темелите и да се иззида целото обѕидие, според денешните норми би им биле потребни 6-8 месеци напорна работа.

Одговорот е jасен. Наместо да ѕида нова тврдина од темели, Василиj само поправил една од добро запазените антички тврдини. Се надевам дека читателот нема да ми замери на ваков екскурс во тогашните градежни зафати. Верувам дека на тоj начин секоj ќе може сам да ги провери податоците и да доjде до соодветен заклучок.

Независно од случаjот на Василида, веќе спомнавме дека на околу 70 доцноантички тврдини евидентиравме средновековни движни наоди, но не и средновековни ѕидарски интервенции. Ова е главниот доказ дека тврдините се наоѓале во добра состоjба и дека со помали крпења биле оспособувани за новите потреби. При тоа пломбите со кои биле затворени брешите несомнено биле изведени без малтер; од тие причини истите бргу се распаднале и не оставиле траги до денес.

Цврстото ѕидане со употреба на вар секогаш било скапо. Вакви примери од средниот век што останале запазени до денес се многу ретки и предизвикуваат љубопитство, но и сомневање. Ова се должи, како на скромните финансиски можности од тоа време така и на слабиот квалитет на материjалот. По правило се ставал значително помал процент вар во однос на песокот, така што средновековниот малтер бил редовно многу посен, се ронел по извесно време и ѕиданото попуштало и се уривало.

Веруваме дека во времето на Самуил позначаjните кастрони биле ѕидани или обновени во малтерна техника. За жал, нема ниту еден запазен пример од тоа време. Jован Владислав го обновил кастронот Бутела (Битола), како што тоа е забележано на тн. Битолска Плоча. Исто така, тоj го обновил и кастронот над варошот (емпорион) Охрид и во него ja сместил државната ризница. Охрид му станал втора престолнина. Веруваме дека и двете крепости поради нивното значеле биле обновени во малтерна техника, но и од двете не е сочувано ништо до денес.


Б. Опкопи и бедеми во северните земjи; аулите како протобугарски степски традиции

Во раното средновековие, па и подоцна, биле користени одбранбените бедеми, насипани од камен и земjа и заjакнати со одбранбен ров пред нив. Во северните делови на Европа богати со шуми, масовно се користеле стебла како арматура за бедемите. На широкото словенско подрачjе од Панониjа на запад, до Балтик на север и Русиjа на исток, досега се евидентирани и делумно истражувани повеќе илjади "градишта" од тоj тип, градени главно во мочуриштата, во речните свиjоци или на речните и езерските острови. Формата им е главно кружна, поретко овална. Тоа се

69 

наjчесто извонредно масивни конструкции од повеќе илjади дрвени стебла, легнати и поврзани меѓусебно во нераскинливи кружни прстени. Градиштата служеле само во случаj на опасност, како збегови за околното население.

Co формирането на првите словенски кнежевства, на ист начин биле градени и првите престолнини во кои постоjаноo живееле кнезовите со cвojaта придружба. Овие градишта биле многу поголеми од збеговите и на нив со време се прилепувале нови обградени површини во кои се населувале граганите; на тоj начин со време израснале првите поголеми градови во Mopaвиja, Полска, Чешка, Pycиja и тн. Дури во 13. и 14. век некои од овие градови добиле први обѕидиjа градени од камен со варовен малтер.

Степските народи (Хуни, Авари, Алани, Бугари и др.) што продирале во текот на 5. и 6. век во Средна Европа и на Балканот, донеле со себе сличен одбранбен модел. Тоа биле земjени опкопи во кружна форма, со ров пред нив. Во опкопиве се засолнувале одделни номадски заедници (родови) за време на воjна. Тие не служеле за постоjано живеење. Овие опкопи германските современици ги викале рингови и тоj назив и денес се користи во стручната литература на запад, а и каj нас.

Со формирање на големата бугарска држава во североисточниот дел на Балканскиот полуостров, на преминот од 8. во 9. век се оформила и концепциjата на политички центри, престолнини. Тоа е тн. аул, квадратен простор голем повеќе десетици хектари, опфатен со одбранбен насип. Ќе се задржиме малку на овоj тип градби, бидейќи Борис и Симеон во своjата експанзиjа на запад го донеле и во Македониjа.

Првата престолнина, во Плиска-Абоба, за свое jaдpo искористила еден доцноантички воjнички каструм со цврсто камено обѕидие и со цврсти градби во центарот. Во тие градби ханот Омуртаг го уредил своjот двор. [1] Елитните единици на ханот — воини со коњи — биле сместени околу дворот, во рамките на обѕидот на доцноантичкиот кастрон. Надвор од него, на еден голем правоаголен простор опфатен со земjен насип и со ров, се населиле владеjачките родови — голема хорда со броjни коњи и со стока од коjа што сите живееле. Само надворешниот бедем бил бугарска градба.

Со експанзиjата на Бугарите на запад, стариот аул Плиска опустел и во 893 г. престолнината била преместена во аулот Преслав. И во неговото средиште стоел еден доцноантички воjнички кастрон, граден во цврста малтерна техника чии што остатоци царот Симеон ги искористил за да си го

70 

уреди дворот. Но, веќе во 971 г. византискиот цар Jован Цимиски го освоил и го разорил Преслав, па и тоj аул опустел.

Аулите немале урбана структура ниту во нив постоел класичен градски живот. Тоа биле воени логори за големи коњанички одреди. Лугето во нив живееле под шатори. подоцна и во колиби, покраj своите коњи. Во надворешниот обграден простор живееле семеjствата на воините како и стоката што пасела на просторот околу аулот. Од времето на Борис во некои аули се ѕидаат и првите цврсти градби, црквите.

Еден ваков аул несомнено бил "градот" Равен на средна Брегалница. Според она што досега е истражено, Равен може со голема сигурност да се локализира каj Крупиште, на устието на Злетовица во Брегалница, (сп. Преглед, гл. VII). На тоа место, среде мочурлива рамница се издига одваj забележлив потег на коj првобитно бил изграден римски воен логор (каструм). Во 5. и 6. век тука израснал доцноантички град и средиште за околниот регион. Со археолошки ископувања е потврдено дека животот на ова место бил обновен во 9. и 10. век. Во рамките на некогашниот кастрон и град била сместена голема коњаничка хорда, а пространите пасишта околу Средна Брегалница пружале доволно храна за коњите и стоката на новите освоjувачи.

Несомнено така изгледал "градот" Равен во коj кнезот Борис ги покрстувал брегалничките Словени и во коj поставил епископ на Брегалничката област. Веќе во следниот век Равен не се спомнува, а епископиjата била пренесена во Моровизд. Аулите очигледно ja изгубиле своjата дотогашна улога.

Следниот аул оформен во нашите краишта стоел несомнено во урнатините на римскиот краjпатен кастел каj Дебреште, 23 км северозападно од Прилеп. И тука станува збор за одваj забележлива височинка среде мочуришна рамница, во коjа коњите и стоката на освоjувачите можеле да наjдат доволно храна. Од истите причини така биле лоцирани и првите македонски престолнини Девол и Преспа. Девол е изграден на работ на мочурливото Корчанско поле, исушено во наше време. Преспа е подигната на островот среде Мала Преспа, плитко езеро опколено со пространи мочуришта на северниот и jужниот краj.

Има индиции за постоење на уште неколку аули во нашите краишта, но оваа проблематика досега воопшто не е истражувана каj нас.

* * *

71 

Откако биле освоени граничните византиски земjи, од времето на Симеон е изменета и воената концепциjа. Извршена е симбиоза помеѓу малуброjните азиски Прабугари и броените словенски племиња кои на широкиот простор од Дунав на север, до Ereja на jуг и од Jадран на запад, до Црното Море на исток го прифатиле заедничкиот етникон "Бугари". Словенскиот jазик станал заеднички за сите жители на тоj простор. Протобугарите се претопиле и исчезнале во словенските маси, а со нив и моделот на номадските воени хорди кои што живеат во аули. Коњицата била сведена на мали елитни единици, а пешадиjата станала основен род во воjската. Наместо аули почнале да се користат стари византиски крепости со цврста малтерна ѕидариjа, поставени на природно бранети возвишениjа.

Споменот на земjените насипи, опкопи и ровови живеел и натаму. Така, пред решителната битка под Беласица, царот Самуил ja преградил долината на Струмешница каj Клуч (Клидион) решен тука да го пречека Василиj. На тоа место и денес се гледаат долги ровови и бедеми; на северниот краj, до патот Струмица - Петрич, бил насипан главниот опкоп, опкружен со 3 бедеми и ровови. И денес се вика Самуилова Крепост.

Кога во 1041 г. Петар Делjан кренал востание и во Белград се крунисал за бугарски цар, во Македониjа му се придружиле востаниците на чело со воjводата Маноjло Ивец. Византиската войска влегла во Повардарието и оттаму тргнала кон Пелагониjа. Пред Прилеп Ивец поставил "дема" — преграда од дрво и камен, со неа да го блокира патот на Ромеите.

Овоj пат може наjлесно да се блокира 8 км североисточно од Прилеп, на планинскиот премин Плетвар. Денешното име му потекнува несомнено од преградата на Ивец. Зборот "Плет" (плот) означува и денес ограда плетена од гранки и колjе. Зборот "вар" е старотурски (аварски или протобугарски) и означува бедем, ѕид, како и подоцнежниот унгарски збор "варош". [2]

Половина век подоцна, кога Норманите од Jужна Италиjа се обиделе да завладеат со подрачjето на денешна Албаниjа и со западномакедонските региони, царот Алексиj I Комнин ги укрепил граничните премини и теснини кон Далмациjа копаjќи ровови и градеjќи дрвени кули на тие места (во 1091 г.). Уште еднаш (во 1107 г.) тоj го бранел истиот регион преградуваjќи секоja патека и премин со дрвени деми и ровови, за да ги спречи Норманите во нивната офанзива кон внатрешноста. [3]
 

72 
 

[Previous] [Next]
[Back to Index]


1. Д. Кранџалов 1969, 141-164, со бpojни планови и приведена обемна постара литература. — Д. Овчаров 1982, 77-144 се обидува, исто така, да даде пореално вреднување на овие наоди, иако не може целосно да се ослободи од наметнатите постари гледишта. Сп. и Ст. Михаjлов 172, 1-8.

2. Gy. Moravcsik 1958, II, s.v. Var.

3. Византиски извори III, 1966, 385-386, 391 (Ана Комнина II. п. 153).